Децата уште во основното образование треба да добиваат повеќе пракса и да се учат како сами да развиваат сопствен бизнис. Наместо во јавната администрација, иднината да ја гледаат во сопствен бизнис или во пронаоѓање на нови иновативни бизнис идеи. Од Фондот за иновации сметаат дека младите имаат идеи, но немаат доволно вештини за аплицирање и развој на нивите бизнис идеи.

„Се уште не сме стигнале до оној број каде Фондот сака да види и зголемен број на старт-апи и на мали бизниси . Ние во наредниот период ќе работиме за да се зголеми интересот, бројноста и квалитетот на иновативните проекти. Средства има“, вели Наташа Лазаровска – Фонд за иновации.

Промените во формалното и неформалното образование треба на најмладите да им помогнат да бидат покреативни, да создадат добар иновативен проект и да знаат како бизнис идејата од хартија ја претворат во реален бизнис. Сите квалитетни идеи може да бидат финансирани од Фондот за иновации или од т.н. бизнис ангели, односно индивидуални финансиери.

„Државата дава до 30 илјади евра средства за развој. Мислам дека во таа фаза тие се доволни, но спецификите на секој бизнис се различни…“, рече Софија Спировска – „Севус инкубатор“.

Во моментов тече и оглас за нови иновативни идеи кои треба да дадат решение за загадувањето. Сите кои сакаат да учествуваат може да го направат до крајот на овој месец. Фондот за иновации од Светската банка има на располагање околу 9 и пол милиони евра, но од тие пари се искористени само околу 10 отсто. Ако овие средства не се потрошат до 2019 – та година, банката ќе си ги повлече назад.

Верица Павлоска

Shpërndaj me