Македонија е како два различни света, едниот дел е развиен, а другиот исклучително неразвиен, без канализација, водовод и без инфраструктура. Ова е ставот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев за рамномерниот регионален развој на земјава.

„Ако продолжиме со оваа тенденција нема да имаме една држава, туку ќе имаме неколку големи града што секако не е тенденција на еден развиен свет.“ – изјави Кочо Анѓушев – вицепремиер за економски прашања

„Поради огромните развојни разлики и енормното растење на Скопје, за сметка на внатрешноста која се празни, многу граѓани се соочуваат со недостиг на елементарни услови за живот. Ова е најизразено во руралните општини во сите плански региони.“ – посочи Сујхел Фазлију – министер за локална самоупрва

За да се стави контрола на начинот и на што се трошат еден процент од Бруто домашниот производ, пари наменети за рамномерниот развој на регионите, Владата со швајцарски средства ќе развива компјутерски софтвер. Преку него ќе може да се следи како се трошат буџетските средства за оваа намена.

„Потребно е буџетските средства да се распределат според нивото на развој на планските региони. Потребна е поголема транспарентност, отчетност и учество на граѓаните во планирањето и спроведувањето на регионалниот развој.“ – рече Сибел Сутел Техада- амбасадорка на Швајцарија во Македонија

Инаку, токму заради нееднаквиот развој и немање услови за квалитетен живот, голем дел од осумте плански региони во земјава се соочија со масовно иселување, а расте и бројот на села кои остануваат без жители.

Верица Павлоска

Shpërndaj me