Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против неколку поранешни и актуелни директори во РЕК Битола и против АД ЕЛЕМ, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата.“ Од МВР велат дека петте кривични пријави се за физички лица кои со непридржување кон прописите за заштита на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина и дозволиле правното лице да одлага штетни честички во количини повисоки од 50 милиграми на метар кубен. Исто така, пријавените физички лица дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето, соопшти МВР. ОД ЕЛЕМ велат дека се ставаат на располагање на сите државни институции во интерес на спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба. Напоменуваат дека новото раководство презема мерки за намалување на загадувањето и дека од наведените физички лица – функционери во РЕК Битола, само едно лице е актуелен раководител кој е на таа позиција подолго време и не е дел од новите назначувања кои се случија во комбинатот минатиот месец.

Shpërndaj me