Секоја петта компанија во Македонија работи „на црно“. Според анкетата на Центарот за истражување и креирање политики, дваесет отсто од бизнисите секогаш или во повеќето случаи не издаваат фактури или фискални сметки. Стопанствениците посочуваат три главни фактори кои ја поттикнуваат сивата економија – корупцијата, високите даноци и желбата на бизнисмените за брзо богатење. Повеќе од половина од компаниите одговориле дека нивните конкуренти пријавуваат понизок обрт за да избегнат плаќање данок.

Центар за истражување и креирање политики:

Манипулации со плаќање или пријавување ДДВ и користење сметководствени тркикови со цел плаќање пониски даноци е исто така честа пракса во Македонија. Една третина од бизнисите потврдуваат дека оваа пракса се користи постојано, во повеќето случаи или понекогаш, за разлика од пред две години, кога на истото прашање потврдно одговориле само 21,6 отсто од анкетираните компании.

Висината на даноците во Македонија ја одобруваат една третина од компаниите поради што од Центарот констатираат дека најавеното зголемување на дел од даноците може да биде поттик за раст на сивата економија. Од Стопанската комора на северозападна Македонија со став дека борбата против неформалната економија треба да биде микс од редовни инспекциски контроли низ целата држава и намалување на дел од царинските и даночните стапки.

„Ако се констатира дека еден бизнис станува неформален таму не треба да има толеранција или забелешка туку треба да се затвори, бидејќи нелојалната конкуренција е голема пречка за бизнисот кој работи формално односно плаќа даноци кон државата и сите работници се пријавени. Ако функционира правната држава убеден сум дека ќе имаме елиминирање на неформалната економија односно конкуренцијата ќе биде лојална со бизнисот и се разбира ќе имаме социјална благосостојба за нашите граѓани“, рече  Назми Ејупи, потпретседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.

Македонија е во врвот на регионалните и европските ранг листи во однос на нивото на сива економија, кое се движи од 24 до 47 отсто од БДП, во зависност од методите според кои се мери. Во превод, тоа значи дека работењето на црно на годишно ниво ја чини македонската економија околу 3,5 милијарди евра.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me