Врие од кучиња скитници во Кичево. Граѓаните велат дека ситуацијата е алармантна особено во навечер и наутро кога кучињата се собираат во групи и неретко напаѓаат случајни минувачи. За тоа говори и извештајот на полицијата, според кој, од почетокот на годинава пријавени се 11 случаи на напад на куче врз луѓе. Во 2016 година тој број изнесува 54 од кои 32 напада биле во градот и 15 во околните села.

“Кучиња има насекаде – и во градот и по селава. Мора веќе државата да изнајде некоја иницијатива и решение. Вака не се живее. Ништо, ама баш ништо не се презема. Општината спие.”

“Мислам дека навистина треба да се најде некое рeшение, бидејќи веќе станува ризично. Лично сум нападнат неколку пати од кучиња скитници особено кога сум со велосипед, трчаат по мене додека возам. Во Кичево има многу кучиња и апелирам до градоначалникот да изнајде некое решение.”

“Утрово кога одиме на работа имаме доста проблеми со кучињата. Треба да се преземе нешто.” – велат дел од граѓаните

Истиот ден кога беше нападнато момчето од Бачишта, а кое вчера почина, нападнато било и друго петгодишно дете. Од кичевската болница велат дека и по неколку граѓани неделно барааат лекарска интервенција поради каснување од куче.

“За среќа на пациентите и за наша среќа се работи за површни рани и голем број од пациентите се третирани во нашата хируршка болница. Добро е институциите да ги соберат овие кучиња, да се ослободи градот од овие кучиња и последиците од нив.” – вели Аќиф Исмаили, хирург во општа болница

Локалните власти признаваат дека станува збор за голем проблем. Во соработка со невладини организации во минатото вршеле стерилизација на кучињата скитници, но тие мерки се недоволни.

“Имајки ги предвид и информациите што ги имаме како општина и податоците што ги земаме од полиција, имаме сознанија дека многу кучиња-скитници во Кичево се носат и од другите соседни општини. Ги носат овде во градот што само ја проблематизира оваа ситуација.” – изјави Емин Насуфи, општина Кичево

Од општината се надеваат дека во рамките на соработката со другите општини во Југозападниот плански регион ќе се реализира проектот за изградба на прифатилиште за кучиња.

Мики Трајковски

Shpërndaj me