Повисоки придонеси веднаш, а поместување на старосната граница за пензионирање по пет години. Ова е најбезболното решение за реформа на пензискиот систем, кои би ја намалило дупката во државниот фонд, покажува анализата на Институтот за економски истражувања „Finance Think“. Од трите сценарија, најприфатливо е она кое предвидува придонесите веднаш да се зголемат од 18 на 20 проценти, а по 10 години за уште еден процентен поен. Старосната граница за пензионирање да се помести за една година, но дури по пет години. Предноста е што товарот нема да го понесе само една генерација, вели Благица Петрески, еден од авторите на истражувањето.

Товарот е споделен и истовремено промените се постепени и имаат можност да се прилагодат на економијата. Тоа значи дека по пет години нас економијата ќе ни биде на повисоко ниво и веројатно невработеноста ќе биде на едно пониско ниво, па така поместување на границата за една година после пет години ќе биде полесно да се издржи отколку границата да се промени во овој момент.“, изјави Благица Петрески, главен економист во „Finance Think“

Дупката во државниот пензиски фонд почна да се продлабочува од 2009 година кога Владата на ВМРО ДПМНЕ ги намали придонесите од 21,2 на 19, а наредната година на 18 проценти. Истовремено во последните десет години имаше нереален раст на пензиите од дури 6,5 проценти годишно, а во исто време економијата просечно растеше 2,4 отсто. Авторите на анализата предлагаат растот на придонесите да не значи намалување на платите на работниците туку да биде и на товар на работодавачите.

Ефектите од намалувањето на придонесите генерално отидоа кај работодавачите. Значи во профити се претворија. Добро, дајте сега вие малку да го поддржите, бидејќи не по своја вина учествувавте во таква работа. Не велам со намера туку системот го дозволи тоа.“ , рече Павле Гацов, даночен советник

Предложената реформа во првите пет години би донела заштеда во буџетот од 89 милиони евра на годишно ниво, а потоа овој ефект би се зголемувал. Само во 2017 дефицитот во ПИОМ достигна околу 600 милиони евра, дупка која беше покриена со пари од државниот буџет.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me