Спроведувањето на клучните реформи за интеграција на земјата бара ефективен внатрешен дијалог. Вака оценуваат експертите од оваа област, додавајќи дека реформите нема да имаат ефект без учество на опозицијата. Според нив, недостатокот на внатрешен дијалог го загрозува добивањето на препораката за почеток на преговорите. Заканата од опозицијата за не поддржување на реформите дојде по последните апсења на нивни функционери, кои се обвинети за терористичко загрозување на земјата, за настаните на 27 Април .

„Како услов за Македонија да се врати на својот евроатлантски пат е и соработката со опозицијата. Значи, ќе биде неопходна поголема соработка, повеќе конструктивност, инклузивност, сеопфатност меѓу опозицијата и владата на оваа земја. Ова го бара Европската Комисија. Ова го бара меѓународната заедница. Ова го бара демократијата и функционирањето на правната држава. Затоа, неопходно е опозицијата во такви околности да биде свесна дека мора да се врати кон процесот на стабилизација.“ – вели Мерсим Максути, универзитетски професор

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика проценува дека на 23 декември, кога конгресот на ВМРО – ДПМНЕ ќе одлучува за оставката на Никола Груевски од функцијата претседател на партијата, ќе бидат запечатен и пристапот на партијава за реформите. Таа апелира ВМРО ДПМНЕ да се вратат во институциите, бидејќи тоа ќе биде во корист на партијата и на државата.

ВМРО – ДПМНЕ најпрво побара да биде вклучена во изготвување на реформите, но овој пристап го промени по првите апсења на нејзините пратеници за насилството во Собранието, по што почна да ги бојкотира локалните и централните институции. Вчера еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, категорично рече дека Македонија треба да биде посветена на процесот на реформи и тие да имаат и согласност од опозицијата.

Анеса Салиу

Shpërndaj me