Претседателот на Косово, Хашим Тачи, говорејќи за политичките кризи регионот, најави обединување на Албанците во еден простор ако ЕУ и понатаму ги држи затворени вратите за Косово.

„Ако Европската унија ги затвори вратите за Косово сите Албанци во регионот ќе живеат во една територија за потоа да се интегрираат понатаму во европското семејство.“ – изјави Хашим Тачи, Претседател на Косово

По ова, српскиот премиер Александар Вучиќ ги повика денеска албанските лидери да бидат внимателни со изјавите кои можат да го расипат духот на соработката.

„Јасно е дека тука станува збор за закани затоа што не можете да постигнете обединување на сите Албанци без судири со неколку држави во регионот. Тука не е во прашање само Србија, туку во прашање е и Македонија и најмалку уште една или две други држава.“ – изјави Александар Вучиќ, премиер на Србија

Вчера и албанскиот премиер Еди Рама рече дека ако евроинтеграциите на Балканот не се реализираат, тогаш Брисел треба да го има во предвид обединувањето на Косово со Албанија. За овие политички превирања денеска дојде став и од официјален Брисел кој ја повтори европската перспектива за Балканот. Портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчиќ изјави дека западниот Балкан има јасна европска перспектива и во таа насока се работи со сите партнерски држави во регионот врз основа на принципите за помирување и регионална соработка.

Адријан Керими

Shpërndaj me