Денеска Министерството за финансии на меѓународниот пазар на капитал издаде еврообврзница на износ од половина милијарда евра со рок на достасување од седум години и каматна стапка од 2,75 отсто. Според Министерството ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, и било одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над седум пати повисока од понудата, што овозможило да се постигне  каматна стапка од 2,75% на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 отсто. Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од евро – обврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG – кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари. За првпат е извршен и делумен предвремен откуп на постоечка евро – обврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка е 4,8 отсто и е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%.

Shpërndaj me