Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан покажа самодоверба пред првиот дуел со Париз Сен Жермен во осминафиналето од Лигата на шампионите, која ќе се одигра утре на „Бернабеу“.

– Немам што да докажувам против ПСЖ. Да, јас сум од Марсеј, постои историско ривалство со ПСЖ, но мислам за Мадрид – ПСЖ, рече тренерот на „белите“ на денешната прес-конференција.

– Задоволен сум што имаме можност да играме ваков тип на натпревари. Нема тензии. Се подготвувавме добро во текот на неделата, како и секогаш. Секогаш постои напнатост, но тоа е нормално. Сите вежби и сите натпревари се важни. Не ми е гајле за мојата иднина, рече тој.

– Не, ова не е финале, тоа се два натпревари во Лигата на шампионите. Утре ќе го видиме Мадрид против ПСЖ, а не Нејмар против Кристијано. Роналдо постигна големи работи, има пет „Златни топки“, не можам да ги споредувам. Сите знаеме што прават на теренот, призна францускиот специјалист.

– Двата тима имаат еднакви шанси – 50:50. Двата тима имаат шанси да одат понатаму, рече Зидан.

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Марсело пак е сигурен дека „белите“ не треба да се концентрираат само на големата ѕвезда на Пари Сен Жермен, Нејмар во утрешниот дуел. – Ќе биде грешка ако мислиме само за Нејмар или само за напаѓачите на противникот, изјави Бразилецот на денешниот прес.

– Не сум кажал дека Нејмар ќе игра во Реал Мадрид. Реков дека тоа може да се случи еден ден. Разменивме СМС со него, но не зборувавме за фудбал, призна тој.

– Ние знаеме што треба да направиме утре. Имавме време да се подготвиме. Дуелот ќе биде многу тежок. Секое скандирање од нашите трибини ќе биде важно, секој аплауз е од помош, рече уште Марсело.

Дуелот започнува утре од 20:45 часот на теренот на „кралскиот“ клуб.

Shpërndaj me