Државата и министерството за земјоделство да обезбедат семенски материјали за производство на органски зеленчук и овошје, бараат дел од домашните производители. Тие велат дека за да одгледаат квалитетен производ принудени се да прават и криминал.

„Безмалку, некогаш сме принудени и да ги шверцуваме семињата од странство за да може да кажеме дека да, ова е органско семе. Тоа не смее да се дозволи, посебно ако се смета дека е стратешки правец, ова не смее да се дозволи“, вели Васил Петрушевски – производител.

Иако државата го стимулира органското производство со субвенционирање, дел од земјоделците велат дека наместо раст, опаѓа бројот на производители но и на произведените органски култури.
„Планираме во наредниот период да отпочнеме дијалог и со Министерството за земјоделство и со производителите на органска храна, со Федерациите и Асоцијациите за да изнајдеме политики кои ќе го спречат понатамошниот пад на производство на органските зеленчуци и овошја“, изјави Александар Николов – Земјоделска асоцијација „Зенит“.

И покрај огромните трошоци за производство на органска храна кај нас, продажната цена на овие здрави производи е ниска поради слабата куповна моќ на граѓаните. Најмногу органски производи се купуваат во Скопје. За граѓаните полесно да доаѓаат до овие производи веќе има и мобилна апликација со чија помош ќе може во секое време да најдете во кои продавници и кај кои производители може да се купат органски производи.

Верица Павлоска

Shpërndaj me