Новиот Закон за енергетика кој го предложи Министерството за економија е спротивен на интересите на сите граѓани. Со членот 239, став три се предвидува малите хидроцентрали кои се издадени под концесија, во иднина да можат да станат приватна сопственост.

Досегашното решение за огромен дел од овие објекти беше дека по завршувањето на концесијата, овие мали централи треба да преминат во сопственост на државата. Концесијата вообичаено трае 23 години. Ако биде прифатен и изгласан, од одредбите на овој закон би се офајдиле некои бизнисмени на сметка на сите граѓани, но и на сметка на националното богатство на државава. Сепак, министерот за економија Крешник Бектеши денеска имаше скромен одговор на прашањето за штетноста на овој член од законот.

Ве разбирам потполно, затоа денеска имавме друга тема за пресот. Наредната недела ќе се организираат јавни дискусии и исто така ќе има прес само за Законот за енергетика.“ – изјави Крешник Бектеши, Министер за економија

Дека не станува збор за мала услуга за бизнисмените кои имаат мали проточни хидроцентрали говори податокот дека во моментов на 72 локации има вакви објекти со инсталирана моќност од 67 мегавати. Овие мали хидроцентрали за првите 10 месеци од годинава продале струја од скоро 9,5 милиони евра. Исто така, овие централи се простираат на неколку хектари земјиште и користат добра од општ интерес, поточно вода. А, на сите други отворени прашања кои произлегуваат од овој закон, како на пример, кој членувал во работната група за подготовка на Законот, во чиј интерес е тој, дали има конфликт со други закони, министерот Бектеши не одговори.


Министерството за економија демантира дека во текстот на предлог законот за енергетика се предвидува малите хидроцентрали издадени под концесија да можат да станат приватна сопственост, укажувајќи дека во работните групи за предлог законот се разговарало на оваа тема, но во финалиот текст на предлог законот ова воопшто не е предвидено. Алсат-М од свои извори ја имаше обезбедено последната верзија на законот пред неговото објавување. Министерот за економија денеска имаше можност да одговори на поставените прашања, но тоа не го стори. Таа можност Алсат-М ќе му ја даде и утре, во интерес на јавноста и на заложбите на Владата за транспарентно и отчетно работење.

 

 

Горан Теменугов

Shpërndaj me