Европската унија денеска ги повика косовските пратеници да се откажат од иницијативата за отповикување на одлуката за формирање Специјален суд за воени злосторства на ОВК.

Канцеларијата на ЕУ во Косово соопшти дека е „исклучително загрижена“ поради иницијативата на 43 косовски пратеници за укинување на Законот за Специјализирани совети и Канцеларија на специјален обвинител.

ЕУ ги повика да се откажат од таквиот план.

Специјалниот суд е основан во 2015 година, со одлука на косовскиот парламент во претходниот состав, а новиот состав покрена иницијатива за отповикување на таа одлука.

Иницијативата за укинување на законот ја поддржаа партиите во владејачката коалиција на Косово – Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА).

Надлежност на судот ќе бидат кривичните дела извршени од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година. Пред новиот Специјален суд ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ, СИТФ. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и косовските Албанци.

Иницијативата да се оспори законот дојде откако ветераните на ОВК покренаа петиција барајќи измени во законот, поради тоа што тој е „дискриминаторски”, а имајќи предвид дека судот ќе им суди само на поранешни припадници на ОВК, но не и на припадници на српските сили.

Иако со седиште во Хаг, Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово, но се независни од косовското судство и во нив се ангажирани меѓународни судии и обвинители.

Shpërndaj me