Граѓаните на Македонија трошат, а странците инвестираат. Оваа навика мора да се промени ако сакаме Македонија да стане силна извозно ориентирана економија, констатира професорот Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економија. Инвестициите мора да достигнат над 20 отсто од БДП и да се обезбеди присутност на домашните производи на европскиот пазар. Тоа е основниот мотор кој ќе доведе до развој на земјата, рече Глигоров пред домашните бизнисмени и владиниот врв.

„Развојот на домашното претприемништво е апсолутно клучно за една земја. Во ред е секако и странски инвестиции и технологија, сѐ е тоа во ред, но од макроекономска гледна точка, а и од гледна точка на развој земјата мора да има сопствен претприемнички потенцијал.“ – вели Владимир Глигоров, Виенски институт за меѓународни економски студии

Од Владата најавија мерки за поддршка на извозно ориентираните компании и обезбедување исти услови сите инвеститори, без разлика дали се домашни или странски.

„Во моментот ние сме од прилика на 50 отсто учество на извозот во БДП. Таа бројка за вториот квартал на 2017 година е околу 53 проценти. Ако ние не стигнеме до 60, 65, 70 проценти, ние не можеме да сметаме на сериозен раст.“ – изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

Глигоров презентираше и број кој предизвика реакции во салата. Ако економијата расте во просек 4 отсто, граѓаните ќе имаат приближно ист стандард со жителите на Европската Унија дури после 30 години.

„Некој кој денеска има 20 години, за 30 години значи кога ќе има 50 години може да живее со просечен стандард во Европската Унија.“ – рече Глигоров

„Убеден сум дека не треба да чекаме 30 години да дојдеме до 90 посто од она што значи просек во Европа. Еве со четири посто раст тоа се постигнува. Мислам дека македонската економија може многу повеќе.“ – посочи Зоран Заев, премиер

Со години, најголем трговски партнер на Македонија е Германија. Годинава на второ место е Велика Британија, а потоа следуваат соседните Грција, Србија и Бугарија.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me