Издавањето на новата еврообрзница од половина милијарда евра на почетокот од годината, според економистите отвора сомнеж дека најверојатно не и оди добро на домашната економија. Се сомневаат дека има проблеми на приходната страна и околу собирањето на даноците, па затоа ланскиот и годишниов Буџетски дефицит мора да се покрива со нови кредити.

„Доколку на полугодие ние имаме повторно да речеме опаѓање или нереализирање на тоа што сме го планирале како што видовме во изминатите периоди, но никогаш не сме достигнале над 60% да го имплементираме тоа што било планирано, тогаш можеме да кажеме дека е проблематично. Сега на почетокот на годината е многу тешко да кажеме дека сакаме овие 500 милиони ќе одат за гасификација или на патишта или на подобрување на образовните услови или во здравството. Затоа, велам дека ни е потребен период да оставиме за да видиме“, вели економистот Фатмир Бутиќи.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вчера се правдаше дека почетокот на годината е избран за ново задолжување затоа што во моментов каматните стапки на странските пазари биле поповолни. Затоа земјава можела да поднесе таков финансиски товар, посебно затоа што каматата за новиот кредит е пониска од очекуваниот раст на домашната економија.

„Не е исто дали цената на еврообврзницата ќе биде 5 или 7 отсто или пак како сега 2,75 остварена камата со оваа евообврзница. За прв пат со оваа каматна стапка Македонија има стапка на камата која е пониска од очекуваниот економскиот раст на земјава. Тоа значи дека растот би требало да го намалува долгот“, рече министерот Тевдовски.

Битиќи вели дека сега многу важно е да се следи реализацијата на капиталните инвестиции и начинот на што ќе се трошат парите од новиот заем. Според него, ако поголем дел од средствата бидат во нови капитални проекти кои ќе ја размрдаат заспаната домашна економија, тогаш задолжувањето е оправдано. Реално ќе донесе нови пари во стопанството, но, и кај граѓаните. Битиќи вели дека најверојатно Владата дел од парите кои требаше да ги зема дома, сака да ги остави за кредитирање на стопанството што беше и едно од барањата на стопанските комори.

Инаку, со новата еврообврзница ќе има пари за повисоки плати во здравството, образованието и во АРМ. Предвидени се и дел од овие пари да бидат за капитални проекти како железничка и патна инфраструктура, но и забрзување на процесот за гасификација на Македонија. Со дел од парите ќе се враќаат и старите долгови. Ова е шеста еврообврзница издадена од државата.

Првата и последната се потпишани од министри на СДСМ, а четири од министри на ВМРО – ДПМНЕ. Последнава еврообврзницата е 500 милиони евра, со рок на достасување од седум години, камата од 2,75 отсто или годишно ќе треба да се плаќаат по 13,75 милиони евра. За седум години само на камати ќе се потрошат нешто над 96 милиони евра. Со ова, вкупно што ќе треба да врати државата, односно граѓаните до 2025 година, ќе бидат нови 600 милиони евра.

Верица Павлоска

Shpërndaj me