Владата итно да интервенира со мерки за државава да не влезе во рецесија, побараа дел од економистите по вчерашната информација дека во второто тримесечје од годинава, бруто – домашниот производ забележал пад од минус 1,8 отсто во споредба со истиот период лани. Прв чекор што би го презела Владата е да престане со краткорочните и популистички мерки, а да испорача проекти кои ќе бидат мотор на сите економски сектори. Главна цел на мерките треба да бидат малите и средни претпријатија за да не влеземе во рецесија до крајот на годинава.

„Тоа што можам да кажам е ако сакаме ова да не не снајде, или следниот период да имаме подобар развој, актуелната Влада треба да преземе итни мерки, за да каже кои се конкурентни сектори во Македонија, кои се главни индустрии во Македонија, но и да размисли во креирање на долготрајни стратегии за развој, кои нам како држава ни недостасуваат.’ – вели Фатмир Битиќи – економист

Бизнис заедницата вели дека доста е од селективен пристап и фаворизирање на одредени сектори. Токму ваквиот пристап и фаворизирањето на градежништвото преку проектот „Скопје 2014“ ја донесе домашната економија на оваа дереџе. Од Министерството за финансии се со став, дека падот на бруто домашниот производ се должи на застојот во изградбата на автопатиштата, што според нив е наследен проблем, заради грешките во проектот.

„Наспроти ова, податоците за БДП во вториот квартал покажуваат стабилен раст на извозот и забрзување на растот на потрошувачката на домаќинствата (во однос на годишниот раст во првите три месеци). Дополнително, во вториот квартал има пад на невработеноста за 0,3 процентни поени во однос на првиот квартал, и раст на вработеноста од 2,7% во однос на вториот квартал од 2016. Со други зборови, со разрешувањето на политичката криза во мај, веќе се видливи знаците на заживување на економијата.” – велат од Министерство за финансии

Од Финансии велат и дека подобрување на состојбата ќе даде и ребалансот на Буџетот со кои се зголемени продуктивните расходи кои генерираат раст, а се скратени непродуктивните. Сепак, економистите сметаат дека со сите показатели најверојатно Владата ќе треба да го ревидира економскиот раст од 2,2 на најмногу 2 отсто. Реално е и да се очекува бруто домашниот производ да биде само 1 отсто за годинава. Инаку, најголем пад има кај градежништвото од 17,3%, додека раст има кај секторите земјоделство и шумарство.

Верица Павлоска

Shpërndaj me