Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и тројцата европратеници Флекенштајн, Кукан и Вајгл утре ќе имаат маратонски средби со лидерите на парламентарните политички партии и со претседателот Ѓорге Иванов. Агендата започнува околу пладне и завршува во вечерните часови. И покрај тоа што не се знае пораката што ќе ја донесат во земјава претставниците на ЕУ, средбите се планирани во Собранието и ќе започнат веднаш по координативниот состанок на пратеничките групи за продолжување на конститутивната седница на Собранието.

Агенда:
12:40 – средба со Мендух Тачи
13:00 – средба со Билал Касами
13:50 – средба со Зијад Села
14:55 – средба со Али Ахмети
16:10 – средба со Зоран Заев
17:45 – средба со Ѓорге Иванов
20:15 – средба со Никола Груевски
21:45 – Изјава на Хан и европарламентарци

Портпаролката на ЕУ, Маја Кочијанчиќ, потврди дека комесарот Хан и европратениците поради набиената агенда нема да се сретнат со претставници на граѓанското општество. Хан нема да се сретне со организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

„Како што изјавив во петокот, тој ќе се сретне со политичките претставници. Точно е дека имаше и други барања, исто така, често кога тој отпатува за Македонија се обидуваме да се сретнеме со што повеќе страни, вклучувајќи и претставници на граѓанското општество, но овој пат комесарот ќе се сретне само со политички претставници бидејќи агендата не му овозможува повеќе.“ –изјави Маја Кочијанчиќ, портпаролка на ЕУ

Претседателот Ѓорѓе Иванов од Унгарија, каде што се наоѓа во официјална посета, порача дека Македонија има потреба од нови избори како опција за излез од кризата.

Пред неколку недели, Македонија ја посети и високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини, која побара од претседателот Иванов да го даде мандатот на парламентарното мнозинство за формирање на нова влада.

Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me