Државата идната година ќе треба да позајми речиси 670 милиони евра за да има пари за покривање на буџетскиот дефицит и за враќање на старите долгови кои достасуваат во текот на 2018. Според податоците објавени во предлог буџетот, на странските кредитори треба да се вратат 170 милиони евра, а 200 милиони евра изнесуваат обврските на државата кон домашниот финансиски пазар. Министерот за финансии Драган Тевдовски објаснува дека новата влада има тенденција да ги намалува задолжувањата во идните години.

„Задолжувањето може да биде предвидено за финансирање на буџетскиот дефицит кој во овој буџет е помал, ако го гледате беше 2,9, сега е 2,7 проценти, многу помал од многу изминати години наназад.“ – изјави Драган Тевдовски, министер за финансии

Буџетската дупка во 2018 е проектирана на речиси 300 милиони евра. Се уште не е донесена конечна одлука дали покрај на домашниот, државата догодина ќе се задолжува и на странскиот пазар преку издавање еврообврзница. Каде ќе се задолжуваме, зависи пред се од каматните стапки, вели Тевдовски.

„…Ќе донесеме одлука да излеземе на странски пазар само ако мислиме дека граѓаните ќе платат ниска цена.“ – рече Тевдовски

Доколку Собранието го усвои, Македонија идната година ќе го има најголемиот буџет во историјата со расходи кои ќе достигнат речиси три и пол милијарди евра.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me