Граѓаните годинава последен пат имаат обврска сами да поднесат годишни даночни пријави на шалтерите на Управата за јавни приходи. Сепак, како и досега, менталитетот да се чека „5 до 12“ е посилен од апелите оваа обврска да се заврши навреме. Рокот за поднесување на пријавите истекува на 15-ти март, а во текот на јануари се поднесени само 2.420, што е само половина процент од очекуваниот број од над 400.000 пријави.

Повторно ја имаме истата состојба како и претходните години. Даночните обврзници ги чекаат последните моменти односно последниот рок за поднесување на годишната даночна пријава“, вели Мухедин Авдиќ, Управа за јавни приходи.

Од годинава граѓаните кои добиваат приходи од други физички лица или од странство треба да поднесуваат електронска пресметка на месечно ниво. До сега тоа го правеа во писмена форма. Ако немаат или не знаат да работат на компјутер, во нивно име тоа може да го прави полномошник односно кое било друго физичко лице. Од УЈП тврдат дека на овој начин постапката се поедноставува.

Во најголем број случаи физичкото лице односно даночниот обврзник треба да го внесе само периодот односно месецот за кој се однесува пресметката, видот на приходот, износот на приходот што го има остварено и датумот на исплата на приходот“, изјави Елена Петрова, Управа за јавни приходи.

Од наредната година УЈП сама ќе ги пополнува и доставува годишните даночни пријави, а граѓаните ќе треба само евентуално да ги потврдат или корегираат во рок од еден месец. За таа цел сите граѓани треба да се регистрираат на системот е-Персонален данок.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me