Сметките на земјоделците и денеска останаа празни. Министерството за финансии наместо да почне со исплата на парите за субвенции, побара од Уставниот суд да им ја достави конечната одлука дали Министерството смее да ја исплати државната помош за земјоделците.

Министерство за финансии:

„Штом Уставниот суд ја донесе конечната одлука во среда и ја објави официјално, Министерството за финансии ќе пристапи кон исплата на субвенциите…“

Според дел од правниците, во моментов нема законска пречка финансии да почне со исплата на парите. Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека со укинувањето на членот 8 од Изборниот законик институциите немаат кривична правна одговорност ако почнат со исплата на субвенциите. Земјоделските експерти пак велат дека чекањето дополнително ќе ја влоши состојбата во земјоделството. Поради намалените засеани површини годинава речиси за триесет отсто ќе се намали домашното земјоделско производство.

„Не само што ќе се намалат површините под сеидба, туку и оние кои се засеани, заради немање на пари нема да може да се третираат со потребните средства, како заштита, прихрнување, навремена жетва“, вели Јован Аждерски – универзитетски професор.

Тоа ќе доведе до намален род и зголемување на увозот на земјоделски производи. Според Аждерски, ваквата состојба ќе доведе и до поскапување на храната и земјоделските производи.

Верица Павлоска

Shpërndaj me