Од дел од граѓанскиот сектор очекуваат од Владата да најдат системско решение за активно вклучување на невладините организции и сите други засегнати страни во процесот на креирање политики. Во Владата постои Совет за соработка со граѓанското општеството, но тој е наследен од претходниот состав и не е воопшто функционален, смета Симонида Кацарска од Институтот за европска политика. Според неа, овој совет мора да прерасне во тело кое ќе ги координира заедничките активности на владиниот и невладиниот сектор.

„Тука одговорноста е пред сѐ на Владата, да работи во насока на отворање на овој процес на креирање политики кон сите чинители. Тоа значи дека ќе остави доволно време за да се чујат мислењата на нивните предлози, ќе ги вклучи заинтересираните страни во изработката на тие предлози, а исто така и во нивното следење на имплементацијата.“ – изјави Симонида Кацарска, Институт за европска политика

По иницијатива и барање на седумдесетина невладини, нивни претставници се вклучени во дел од реформите што ги најави Владата како дел од Планот 3-6-9 кој е носечки патоказ на патот кон Европската Унија. Тие понудија и документ за надградба на овој план со предлози во делот на јавните пари, правосудството, изборите, Собранието, животната средина, образованието, здравството и културата.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me