Жестоки обвинувања меѓу опозицијата и власта на вториот ден од расправата за ребалансот на буџетот. Опозициската ВМРО ДПМНЕ продолжи со реториката дека со прекројувањето се крати од Македонија, обвинувајќи ја Владата дека одземала средства од здравството, образованието и другите клучни капитални проекти. Во исто време се пофалија дека во изминатите 11 години работеле многу подобро.

„Во периодот од 2007 до 2015 година ние постигнавме многу висок раст кој не знам како ќе успеете со ваков вид на пренасочување и непродуктивно трошење да го достигнете. Имајте предвид дека во овој период над 174 милијарди беа остварени по однос на капитални инвестиции“, рече Владанка Авировиќ, СПМ.

Министерот за финансии Тевдовски објасни дека капиталните расходи се намалени од 27 на 23,4 милиони евра. Главна причина за тоа е што исто како и претходните години така и во првата половина од 2017 претходната влада потфрлаше во реализацијата на клучните проекти, рече Тевдовски.

„За следните пет месеци, до крајот на годината ние проектираме капитални инвестиции кои се во износ скоро колку реализацијата во цела 2016 година. Тоа воопшто не е кратење туку дури и оптимистичко проектирање“, рече Тевдовски.

Од Беса реагираа што не бил прифатен ниту еден од нивните 63 амандмани и што и со ребалансот не се почитува законската обврска еден процент од парите да се одвои за рамномерен регионален развој.

„Продолжува старата пракса на нераспределба на парите на усоглсен начин на целата територија на РМ. Се забележува дека и овој ребаланс териториите односно инфраструктурата каде Албанците се мнозинство останаа запоставени“, оцени Фадиљ Зендели, Беса.

Од ДУИ со објаснување дека повеќе пари за оваа намена ќе се обезбедат во буџетот за 2018 година. Добро е што со ребалансот не се крати од парите наменети за рамномерен развој, рече пратеникот Ејуп Аљими.

„Буџетот за наредната година ќе опфати капитални проекти за рамноправен регионален развој во Македонија, што воедно е и ветување на коалициските партнери. Во следниот буџет министерството за финансии сигурно треба да предвиди рамномерен развој за сите елементарни потреби на граѓаните без разлика во кој регион живеат“, рече Аљими.

Со ребалансот се кратат околу 45 милиони евра од расходната страна на буџетот. Расправата треба да трае уште три дена. Според најавите, пратениците ќе работата и за време на викендот, што значи дека ребалансот ќе се гласа в недела.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me