Оџаците на „Југохром“ повторно ќе зачадат на пролет идната година. Барем таква е најавата од Владата која на вчерашната седница одлучи да потпише Меморандум за разбирање со сопствениците на комбинатот во Јегуновце. Документот предвидува рестартирање на фабриката откако ќе бидат исполнети еколошките критериуми што е услов на невладините организации кои го кренаа гласот против загадувањето во Тетово и регионот.

„Таму се граѓански здруженија кои што се комплетно насочени критички према било која власт. Работниците сакаат ако може уште денеска да влезат на работа. Чесно кажуваме, март, април или мај. Пред филтрите не може да влезат заради тоа што една страна нема да биде задоволна, а тоа се еколошките здруженија односно граѓаните. Така што ова е повеќе партитен договор на задоволство на сите страни. – изјави Зоран Заев, премиер

Проблемот во „Југохром“ датира од ноември минатата година кога тогашната Влада стави клуч на фабриката затоа што не беше испочитуван рокот за изградба на систем за отпрашување. По неколку месеци 700 вработени во фабриката останаа на улица. Менаџментот вети исполнување на еколошките критериуми до крајот на 2017 година што ќе значеше и рестартирање на капацитетот. Затоа се поставува прашањето дали потпишувањето меморандум на само неколку дена пред локалните избори е единствено во функција на предизборен маркетинг. Според премиерот Заев, станува збор за транспарентност.

„Дали е предизборен маркетинг или не можат да кажат граѓаните, но ние сакаме тоа што го сработуваме, за тоа што вложуваме енергија, ресурси и капацитети да го соопштиме, како што знаеме да признаеме одредени грешки ако се наша слабост на работењето.“ – вели Заев

Меморандумот за надминување на состојбите во „Југохром“ помеѓу Владата, сопствениците и синдикатот треба да биде потпишан утре. Раководството на фабриката тврдеше дека капацитетот во Јегуновце не е главен причинител на загадувањето во Тетово.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me