И покрај препораките на Светската здравствена организација да се лимитираат количините на произведен тутун, Владата ги зголеми субвенциите за тутунопроизводителите. Од Министерството за земјоделство велат дека ги почитуваат препораките но, се додека не се направат анализи со што да се заменат површините со тутун, ќе важи овој пристап.

„Светска здравствена организација не била кај нас и не сме имале конкретни средби, но ги почитуваме препораките….. Министерството доби крупен проект кој е финансиран преку ИПА, а кој се однесува на замена на површините посеани со тутун со други култури“, изјави Љупчо Николовски – министерство за земјоделство

Николовски вели дека сите овие мерки биле ветување пред граѓаните, а сега само се спроведуваат. Новина е и тоа што тутунопроизводителите повеќе нема да имаат обврска да поднесуваат евидентни листови, туку сами ќе си склучуваат договори со откупувачите што според ресорното министерство треба да ги олесни досегашните сложени бирократски процедури. А субвенцијата за тутун ќе зависи од квалитетот.

„Субвенција за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм. Втора класа ќе обезбедивме 70 денари. Трето ниво на субвенција изнесува 60 денари, а исто важи и за четврта класа“, рече Николовски

Со новиот начин на исплата на субвенции на сметките на земјоделците се очекува да легнат над 28 милиони евра. Откупот на овогодинешната реколата е при крај и досега се откупени околу 23,5 милиони килограми тутун по просечна цена од 217 денари или нешто над три евра по килограм предаден тутун. Во земјава околу 23 илјади семејства живеат од производство на тутун.

Верица Павлоска

Shpërndaj me