Десет дена комисиска расправа и пет дена на пленарна седница. Пратениците потрошија 15 дена за да го донесат ребалансот на буџетот тежок околу 50 милиони евра што е 1,6 отсто од вкупната сума пари што државата ќе ја потроши во 2017 година. Опозицијата поднесе 840 амандмани, власта не прифати ниту еден, пракса која е присутна во Македонија со години наназад.

Ребалансот владата го најави како рез на непродуктивните трошења, па така се скратија околу седум милиони евра наманети за реклами и промоции. Се намалија и парите што ги планирала претходната власт за набавка на мебел и возила и за службени патувања. Капиталните инвестиции се намалија од 27 на 23,4 милијарди денари што беше еден од главните аргументи на ВМРО ДПМНЕ во канонадата од критики упатена кон министерството за финансии. Министерот Тевдовски објасни дека овие пари во изминатите месеци се трошеле многу поспоро од планираното и затоа сумата е сведена на реалната вредност.

Владата го искористи ребалансот за да реализира дел од своите предизборни ветувања. Се обезбедија пари за поддршка на работодавачите со што од септември минималната плата во државата ќе изнесува 12.000 денари. Се одвоија средства и за обештетување на дополнителнио 3.000 стечајни работници. Со 3,2 милиони евра финансиска инјекција за МРТВ пред крајот на годината ќе се укине радиодифузната такса.

Со ребалансот е предвидено дека македонската економија во 2017 година ќе оствари раст од 2,2 отсто наместо првично предвидените три проценти, пад пред се`предизвикан од политичката криза.

Mирко Трајановски

Shpërndaj me