Додека зборот транспарентност ечи од устите на кандидатите за градоначалници, актуелните општински татковци не можат да се пофалат со големи успеси на ова поле. На интернет страниците на општините може да се најдат само 15,9 отсто од вкупниот број информации кои треба задолжително да им бидат достапни на граѓаните, покажува истражувањето на Центарот за управување со промени. Најмногу информации има на веб сајтовите на Битола, Струмица и Прилеп, но и тие имаат објавено помалку од половина од задолжителните податоци. На дното на листата се Арачиново, Вевчани, Липково, Старо Нагоричане и Чучер Сандево, кои воопшто немаат интернет страници. Не се објавуваат важни документи како јавни набавки, буџети, ревизорски извештаи.

Само една општина од 81 општина, само една има објавено податоци и информации за тоа каква е состојбата во однос на нивото на загадувачките супстанции во водата, во воздухот и во почвата. Исто така, најголем дел од општините воопшто не ги ни објавуваат своите урбанистички планови. Оние кои што ги имаат објавено, има проблем во техничкиот дел односно тие не можат да се отворат“, изјави Неда Малеска Сачмароска, Центар за управување со промени.

Граѓаните на интернет не може да се информираат ниту за услугите на општините. Само 11 општини имаат објавено упатство како да се пополнат одредени формулари. Истражувањето покажало дека граѓаните очекуваат многу повеќе информации од локалните власти.

Најмногу ги интересираат финансиите, значи како се трошат општинските пари. Граѓаните многу ги интересираат податоци и информации од областа на образованието, каде има градинки, центри, училишта, кој е капацитетот. Ги интересираат податоци и информации за работата на советот“, додава Малеска Сачмароска.

Според Малеска, ниското ниво на информации има негативно влијание на економскиот развој на општините. Како позитивен го посочува примерот на Велика Британија каде има детални информации не само за проектите и услугите на општините туку и за советниците кои ги претставуваат граѓаните.

Барометар на веб транспарентност:

Битола 47,44%

Струмица 45,51%

Прилеп 44,87%

Арачиново 0,00%

Вевчани 0,00%

Липково 0,00%

Старо Нагоричане 0,00%

Чучер Сандево 0,00%

Мирко Трајановски

Shpërndaj me