Владата со Буџетот за 2018 – та година предвиде само половина од потребните пари за доизградба на Домот на културата и на театарот во Тетово. Според директорот на Домот, Хаки Фазлиу, потребни се околу 8 милиони евра, а во државната каса за догодина има само 4 милиони. Исто пари се планираат и за Албанскиот театар во Скопје. Од оваа институција засега не кажуваат дали овие предвидени средства ќе бидат доволни за да се заврши целосното реновирање на оваа важна културна установа, но вицепремиерот Хазби Лика, уверува дека има зголемување на средствата.

„Овој пат двојно се зголемени средствата за изградба за Тетовскиот и Албанскиот народен театар во Скопје, каде и за двата објекта се предвидени 500 милиони денари или по 250 милиони денари за двата објекта.“ – изјави Хазби Лика – вицепремиер за спроведување на Рамковниот Договор

За Музејот на азбуката во Битола се планираат само 42 илјади евра. За Тетовскиот универзитет, нешто над 5 милиони евра, а за универзитетот „Мајка Тереза“, околу милион и пол. Според Буџетот што Владата го достави до Собранието, предвидено е и продолжување на активностите за изградбата гасоводот кај делницата Штип – Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Пари се планираат за рехабилитација и надградба на канализационата мрежа во четири општини- Скопје, Кичево, Битола и Тетово. Пари за водовод и канализација има и за зоната и населбата Визбегово, три милиони евра за реконструкција на делницата Струга – Ќафасан, како и за патот Скопје – Блаце. Предвидени се и средства за чистење на диви депонии.

Верица Павлоска

Shpërndaj me