Власта денеска прифати само четири од вкупно 200 предложени амандмани на опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Два од прифатените амандмани се прифатени како што се предложени, а останатите два ќе треба да се видоизменат. За дел од барањата на ВМРО – ДПМНЕ се додаваат повеќе од бараните пари, а за дел пак минимално се намалуваат. Ќе се даваат пари за субвенции за печки за пелети на целата територија на Македонија, а не само во Скопје, ќе има повеќе пари и за Слободните економски зони. Пратеникот Реџаил Исмаили побара да се додаде и зоната во Липково која со години никако да се реализира.

„Во предлог Буџетите од минатите години зоната во Куманово била предвидена, но поради околностите и условите средствата не се реализирани, а во рамки на оваа општина било и Липково…“ – изјави Реџаил Исмаили

„Со Буџетот во 2018- та година се предвидени средства за зоните во Скопје 1, Скопје 2, Штип, Струмица, Тетово и со овој амандман ќе се додаде и Куманово.“ – посочи Ширете Елези – заменик министер за финансии

Освен овие амандмани од ВМРО – ДПМНЕ, ќе се прифатат и два амандмана предложени од БЕСА за паркот во Нерези и депонијата во Струга. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на комисиската расправа, па се очекува таа евентуално да заврши и пред планираните 10 законски дена. Потоа е можно веќе наредната недела во Парламентот да се изгласа Буџетот за наредната година.

Верица Павлоска

Shpërndaj me