Бугаринот Венцислав Ајдарски е победник на првиот Олимписки маратон што денес се пливаше во водите на Охридското езеро. Патеката долга 10 километри тој ја исплива со време од 1 час 59 минути и 50 секунди. Второто место го освои Марсел Шутен од Холандија, а трет на целта стигна Александар Илиевски од Македонија. Во женска конкуренција првото место го освои Василики Кадаоглу од Бугарија. Маратонот се пливаше во десет круга од по еден километар покрај кејот на Охридското езеро. Настапија вкупно 13 пливачи од седум држави, десет во машка и три во женска конкуренција.

„Водата беше доста чиста и тоа многу го олесни пливањето на маратонот. Мислам дека наредната година повторно ќе дојдам и очекувам дека ќе има повеќе учесници и маратонот ќе биде посилен. Учествував на Олимпијадата во Рио на 10 километри и завршив 15-ти. Охридскотое езеро е едно од најдобрите за пливање бидејки водата е доста чиста“. – изјави Венцислав Ајдарски- победник на маратонот, Р. Бугарија

„Искрено тргнаа со многу силно темпо кое не мислев да го пратам.Си пливав моја трка. Штедев сила за следната недела за Охридскиот маратон. Кога ќе ви дојдат пливачи кои биле на Олимпијада и на светско првенство освоиле медал се гледа дека конкуренцијата беше многу силна“. – вели Александар Илиевски- трето место, Р.Македонија

Организаторите се задоволни од оддржувањето на првиот ваков маратон.

„Да се надеваме дека во ноември ќе се видиме ние како Охрид и Македонија организатори на оваа олимписка дисциплина во календарот на ФИНА за 2018 година. Сонувам 2019 година да биде европското првенство, 2020 година сонот е да биде овде финалната трка и обезбедување на над 250 светски маратонци да испливаат норма во Охрид“. – изјави Александар Маленко- организатор на маратонот

Оценките и впечатоците на светската пливачка федерација ФИНА кои беа во Охрид, ќе бидат пресудни дали овој 10 километарски маратон ќе биде вклучен во календарот на федерацијата.

Мики Трајковски

Shpërndaj me