Поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристап до свеж капитал преку поволни кредити за претпријатијата како и зголемување на продуктивноста на работниците преку унапредување на образовниот процес и воведување дуално образование. Ова се дел од мерките кои ќе ја живнат, замрената домашна економија во 2018 – та година. Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека минималниот раст на домашната економија од 0,2 отсто во послениот квартал од годинава им дава надеж дека бизнисот ќе мрдне од мртва точка. Но, сметаат дека за да порасне економијата потребни се квалитетни закони кои нема често да се менуваат и ќе важат за сите.

„Приоритет треба да бидат Законите и нивната имплементација, олабавување на пристапот до средства на компаниите, а во фокусот морада бидат и иновациите.“ – изјави  Дрилон Исени – Извршен директор во Комора на северозападна Македонија

Владините мерки за економски раст се добри, но само во одредена мерка ќе го поттикнат домашното стопанство сметаат дел од стопанствениците членки на Стопанската комора на Македонија. Тие велат дека за да порасне домашната економија власта треба да ја зголеми реализацијата на капиталните инвестиции.

„За да има подобрување на економската состојба, неопходен е повисок степен на реализација на капиталните инвестиции предвидени во  Буџетот за 2018 година, кои само во делот на расходи за патна и железничка инфраструктура се поставени на 3.556 милиони денари. За да има развој потребно е најмалку 20 до 25 проценти од Бруто домашниот производ да се инвестира во нови производи, иновативност, конкуретност.“ – велат од Стопанска комора на Македонија

Од Македонско – турската стопанска комора пак велат дека Владата освен мерките од планот за зголемување на економски раст, треба да поработи и на дел од меѓународните договори кои ќе овозможат зголемен узвоз и извоз на стоки.

„Ние како Комора се залагаме да го воспоставиме инвестициониот бум помеѓу Македонија и Турција. Работиме за да дојдат што повеќе турски инвеститори овде и со либерализација на царините меѓу двете земји очекуваме и зголемен извоз од Македонија кон Турција.” – вели Ајдован Адемовски – претседател на Македонско – Турска комора

За оваа година Владата испланира најобемен буџет од 3, 44 милјарди евра. Се планира економски раст од 3,2 отсто. Буџетскиот дефицит се намалува и ќе достигне 2,7% од БДП. Буџетската дупка односно недостигот од средства државата ќе ги обезбеди со нови задолжувања дома и во странство.

Верица Павлоска

Shpërndaj me