Бизнисмените бараат Владата да ги намали казните за претпријатијата, а инспекторите пред да казнуваат прво да ги опоменуваат. Стопанствениците сметаат дека со сегашната законска регулатива им се остава на инспекторите да не ја почитуваат максималната граница за казна од пет илјади евра. Честопати се случува инспекторот да не ја зема во предвид таа граница, па фирмите се казнуваат и по дваесет илјади евра. Бараат за еден ист прекршок иста казна што во моментов не е така.

„На компаниите да им се остави законски предвиден рок за да го усогласат работењето. Ако тоа не биде направено во определен рок, тогаш да бидат построго санкционирани.“, вели Татјана Штерјова -Стопанска комора

Од Стопанската комора бараат да се воведе можноста за жалба кога на компаниите ќе им се изрече мандатна казна, нешто што не е дозволено сега.

„Мандатниот платен налог ние би го исфрлиле и би се фокусирале на прекршочниот, каде и државата и стопанствениците би биле задоволни и секако со намалување на сегашните износи.“, посочи Ѓино Шкријељ- групација за меѓунродни шпедитери и логистика

Од министерството за правда велат:

„Министерството наскоро ќе формира работна група за подготовка на измените во Законот за прекршочна постапка. Анализите што ќе се спроведат треба да дадат решенија за зголемување на ефикасноста на второстепената прекршочна постапка. Планирано е намалување на прекршочните глоби, но и редукција на можноста со посебни закони да се утврдуваат глоби повисоки од рамката која е предвидена со Законот за прекршоци.“

Според извори од министерството за правда, новините и измените ќе се кројат до средината на годинава, а нивната примена најверојатно ќе почне дури во втората половина од 2018. Од Министерството за финансии немаше одговор што ќе преземат за забелешките на бизнисмените. Инаку, премиерот Зоран Заев во предизборието ветуваше опомени пред казни, како и намалување на казните што ги плаќа стопанството.

Верица Павлоска

Shpërndaj me