Над 92 илјади евра, пари од Буџетот му се исплатени на адвокатот Никола Додевски, претседател на Адвокатската комора кој беше поранешен бранител на Никола Груевски и евентуално иден советник на премиерот Зоран Заев.

Преку отворената база на податоци на Бирото за јавни набавки може да се утврди дека за четири години, Додевски склучил четири договори со државата. Два во 2014 и два во 2015 година.

Следните три години заклучно со оваа нема добиено државен тендер. Базата на податоци покажува дека изминативе години, Додевски најмногу заработил по склучени договори со државата во споредба со неговите колеги.

За разлика од него, останатите адвокати на сметка на државата заработиле по два, три или десет пати помалку. Јавно достапните информации покажуваат дека има и такви договори од по еден денар.

БИРО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ:

Адвокат Сузана Батковска од Охрид – 1 денар

Наков и Бошков од Охрид – 1 денар

Димитрија Цобовски од Охрид – 2 денари

Адвокатско друштво Китановски – 3.082.912 денари

Надица Бадева од Скопје – 2.973.010 денари

Бењамин Селими, Гостивар – 1.062.000 денари

Според податоците кои ги обезбеди Алсат М од државаната ЕЛЕМ, Никола Додевски бил нивни застапник три години. Во 2014 година за адвокатски услуги му биле исплатени 20 илјади евра. Во 2015, 22 илјади евра, а во 2016 година пет и пол илјади евра, додека во 2017 исплати нема бидејќи договорот му истекол.

Сепак, неофицијалните информации до кои дојде Алсат М, се дека Додевски бил анагажиран доплнително и од француското адвокатско друштво Куртис кое добило милионски бизнис од ЕЛЕМ за да ги застапува во меѓународни спорови.

Преку отворената база на податоци на Бирото за јавни набавки за последниве четири години вклучително и 2018 година, на адвокати, државата преку своите органи исплатила над 1,1 милион евра.

Барем засега на алатката која ги генерира податоците на бирото за јавни набавки достапни се договорите на државните органи од 2014 вклучително и тековнава година.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me