Со екипните натпреварувања заврши Балканско првенство во џудо за сениори, во машка и женска конкуренција. Џудистите од Македонија успеаја да обезбедат три медали и сите се постигнати во индивидуалните натпреварувања. Во екипните натпреварувања, Македонија како земја организатор целосно потфрли во двете конкуренции. Во индивидуалното натпреварување бронзен медал освоија Берна Шерифовска во категорија 57 килограми и Александра Најдовска во категорија 78 килограми. Во машка конкуренција единствениот медал, бронзен, го освои Игор Стојановски во категорија до 100 килограми.

На првенството, репрезентацијата на Косово освои шест медали. Но, вистинскиот скандал се случи при доделувањето на наградите, откако две натпреварувачки од Србија не ја испочитуваа државната химна на Косово и го напуштија подиумот. Веста ја потврди и селекторот на Косово, Дритон Кука, кој на социјалните мрежи напиша дека „церемонијата на доделување на наградите беше неспортска, бидејќи натпреварувачите на соседната држава не останаа на подиумот за време на кревањето на знамето и интонирањето на химната“. Инаку, Дистрија Красниќи и Лоријана Кука освоија златен медал за репрезентацијата на Косово во индивидуални натпревари.

Махир Тачи

Shpërndaj me