Вицепремиерот Кочо Анѓушев негира конфликт на интереси бидејќи тој е сопственик, но не и управител на „Фероинвест“, фирмата која се појави на милионскиот тендер на ЕЛЕМ за набавка на гумени траки за РЕК Битола. За тоа дали оваа и другите негови компании ќе се појавуват на државните тендери, Анѓушев вели дека тоа останува да биде одлука на менаџерите на фирмата, согласно стратегиите за делување и развој. Тој не чувствува никаква морална одговорност, бидејќи како што вели, се е според Закон.

„Јас согласно Законот за спречување на корупцијата имам обврска да се повлечам на компаниите. Никаде во тој Закон не е наведено дека треба да престанам да бидам сопственик на компаниите. Тоа значи дека никој не треба да биде потпретседател на Влада бидејќи секој е сопственик на нешто. Јас не управувам во компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам ниту еден бенефит од моето управување во Влада.“ – вели Кочо Анѓушев – вицепремиер во Влада на Р.М.

Алсат М го праша Анѓушев на кој начин и со кои аргументи ќе ја убеди јавноста дека од позиција на вицепремиер нема да има влијание за добивање на државни тендери.

„Постои закон за јавни набавки каде има транспарентно јавно наддавање и ја поканувам целокупната јавност и вие како медиуми тоа да го пратите.“ – рече Анѓушев

За ВМРО ДПМНЕ неиздржано и потценувачко е правдањето на вицепремиерот Анѓушев дека тој не бил управител, туку само сопственик на фирмата „Фероинвест“, сметајќи дека парите повторно ќе завршат во неговиот џеб. За нив тендерот е криминален и сметаат дека треба да се поништи, а Анѓушев да поднесе оставка.

„Очигледно дека криминалната влада на Социјалдемократскиот сојуз ја интересираат само тендерите и енормното богатење на клановите на власт. Анѓушев единствено се грижи за профитот на своите фирми, бидејќи за работа во интерес на граѓаните видовме дека не го бива. Обвинителството треба да утврди кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот припаднал во рацете на фирмата на вицепремиерот Анѓушев.“ – изјави Светлана Колариќ – ВМРО ДПМНЕ

Од ЕЛЕМ вчера ја информираа јавноста дека тендерот е започнат во време на претходното раководство на компанијата поставено од ВМРО ДПМНЕ и дека две аукции досега се поништени. За нареднава недела најавија нова аукција за тендерот со гумени траки за РЕК Битола, на која може да учествуваат сите заинтересирани.

Алсат М

Shpërndaj me