Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини денеска на својот твитер профил порача дека внесувањето на Западен Балкан во Европската Унија е задача на сегашната генерација политичари, а не на идните. „Балканот секогаш бил дел од Европа, ниту една политичка бариера нема да го промени тоа“, напиша Могерини. Таа утре ќе реферира пред министрите за надворешни работи на Унијата за нејзината балканска турнеа. Домашните аналитичари по посетата на Могерини очекуваат дека реакциите на меѓународната заедница ќе бидат уште поостри ако нема брза разрешница на политичката криза.

„Доколку состојбите во Македонија ескалираат и се случи насилство, не треба да се исклучи можноста од меѓународна интервенција бидејќи меѓународната заедница и тоа како е заинтересирана за да ја зачува стабилноста во регионот. Веќе знаеме како тензичните состојби и конфликти кај нас може да се рефлектираат во другите земји, особено во Косово“. – изјавува Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права

Реториката што ја употреби Могерини упатува на тоа дека состојбата е мошне сериозна, смета Симонида Кацарска од Институтот за европска политика. Затоа, вели Кацарска, политичките елити треба да покажат системски ставови за разрешување на кризата.

„По мое видување, реакциите се доста строги. За прв пат по долго време го слушаме зборот конфликт, се зборува за потенцијална ескалација, дали од аспект на етнички или геополитички конфликт.“ – вели Симонида Кацарска, Институт за европска политика

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, ја посети земјава во четвртокот. По средбите со политичките лидери и граѓанскиот сектор, порача дека Претседателот Ѓорѓи Иванов треба да му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, бидејќи успеал да обезбеди мнозинство во Собранието.

Shpërndaj me