Јајца од јапонска потполошка, машки чорапи, млеко за тело, фстаци, цигари, козметика се дел од производите кои поранешната раководителка на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска ги плаќала со народни пари, тврди новата директорка на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска. Според неа, Алексовска лани за свои лични потреби потрошила 7 илјади евра од буџетот на институцијата, додека за првата половина од годинава околу 2 илјади евра. Пазарувала во трговски центри, плаќала паркинг и патарини во неработни денови и кога користела одмор. Возела две службени возила по завршување на работното време. Алексовска според тврдењата на новата директорка, плаќала и сметки во кафани во вредност од 100 евра во доцни вечерни часови.

Ја информирам јавноста, дека во согласност со позитивните правни прописи, лицето Слободанка Алексовска е суспендирана од работното место Раководител на Центар за вработување на град Скопје, за истата е донесена одлука за поведување на дисциплинска постапка, постапката ќе продолжи по завршување на изборите и во тек е комплетирање на документација неопходна за поднесување на кривична пријава за сторени кривични дела од нејзина страна.“ – изјави Билјана Јовановска, директор на Агенција за вработување

Јовановска соопшти дека ревизија за работењето на Агенцијата за вработување пред 2016-та година се уште не е направена. Најави дека ќе се истражува постапувањето на сите раководители во тој период. Слободанка Алексовска освен раководна позиција во Агенцијата за вработување, извршува и друга функција – советник во град Скопје од редовите на ВМРО – ДПМНЕ.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me