Одлагање на почетокот на второто полугодие од учебната година бараат директорите на сите основни и средни училишта во Струга. Писмено барање веќе испратиле до Министерството за образование, но одговор засега нема. Се одлучиле на ваков чекор поради ниските температури, грипот и потребата да се заштедат нафта и дрва за греење.

„Ние би сакале Министерството за образование да го разгледа нашето барање земајќи ги во предвид и училиштата кои се во планинските места и да може да донесе на 23-тти да почне учебната година наместо на 18 јануари. Ако не, ние ќе почнеме, но ќе имаме многу проблеми со греењето и со грипот“, вели Шкелким Алиу- директор на училиште Браќа Миладиновци.

Некои од училиштата се соочуваат и со други проблеми како што се дефекти во водоводната мрежа. Во училиштето во селото Корошишта поради замрзнати цевки нема вода. Во некои од училиштата се организираат и деноноќни смени за водоводот да се грее.

„Двете подрачни училилишта се греат сега и во текот на ноќта, парното е вклучено на минимум, а овде во централното училиште со оглед на големата потрошувачка, ја испуштивме водата од системот. Работевме и ноќе, а луѓето задолжени за одржување на системот за парно греење беа присутни и во ноќните часови“, изјави Тони Савески-директор на „Јосип Броз Тито“.

„Што се однесува до дефектите имаме смрзнување на цевките за вода и стврднување на нафтата која многу тешко се пали. Со тие дефекти ќе се соочиме и на почетокот на второто полугодие“, додава Шкелким Алиу- директор на основно училиште Браќа Миладиновци.

Стружани деновиве се соочуваат и со други проблеми, а тоа се недоволно исчистените градски улици каде е видно присуството на снег и мраз.

Мики Трајковски

Shpërndaj me