Селата на Скопска Црна Гора се целосно отсечени од градот. Стотици жители на Брест, Малино и Танушевци се блокирани во нивните домови поради длабокиот снег кој на некои места е навеан и над еден метар. Жителите на овие села се жалат дека надлежните институции ги игнорираат иако навремено ги информирале за тешката ситуација во којашто се наоѓаат.

„Селата Брест, Малино и Танушевци речиси една недела се блокирани и никој не го чисти патот. Побаравме помош од градоначалникот, од кризниот штаб, од Македонија пат, но никој досега не ни помогнал“, вели жител на Брест.

За ситуацијата да биде уште потешка, тамошните жители имаат итна потреба од лекови и храна.

„Состојбата е катастрофална, храната ни е при крај. Имаме лица кои итно треба да се пренесат на клиниката во Скопје, но никој не презема ништо. Секогаш кога во општината се обраќаме за помош, оттаму ни велат да бараме помош од Македонија пат. Кога се јавуваме таму, велат тие се надлежни само за магистралните патишта, значи до Танушевци, а за Брест е општина Чучер Сандево. Се јавуваме таму, ни велат дека не можат да ни помогнат и нè упатуваат во кризниот штаб“, додава еден од жителите на Брест.

При секои врнежи од снег селата на Скопска Црна гора секогаш се отсечени од градот и и недостасуваат елементарни услови за живот.

Shpërndaj me