Студенти, професори, новинари, поранешни борци на ОВК, уметници и политичари протестираа пред француската амбасада во Скопје барајќи итно да биде ослободен поранешниот командант на ОВК и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај. Според демонстрантите, неговото апсење од страна на француската полиција минатата недела е неправедно и навредливо.

„Од француските власти бараме да не потпаѓаат под влијанија, да не ги расипуваат односите со Косово и на ниту еден начин да не дозволат екстрадиција на Харадинај. Во спротивно, ако се случи такво нешто, ќе поттикнат поголеми немири во земјата, но и пошироко.“ – изјави Егзон Зендели, претставник на студентите во Организациониот совет

„Го поздравуваме Париз, го поздравуваме Берлин. Ние сме внуци на Рамуш Харадинај. Бараме што поскоро ослободување на Рамуш.“ – изјави Илир Љопу, танцувач

„Ние не бараме ништо повеќе освен да се почитува одлуката. Одлуката која пред неколку години ја донесе Хашкиот трибунал кој е основан за воени злосторства во поранешна Југославија. Бараме да се почитува начелото на правда, никој не може да биде казнет двапати за едно исто дело.“ – изјави Бујар Ахмети, актер

„Секогаш ќе бидеме покрај него и во добро и во зло. Апелираме што поскоро да го ослободат и што поскоро да се врати во неговото Косово, во неговиот дом.“ – изјави Ариф Зимери, уметник

Протести за поддршка на Харадинај се одржаа и во Тирана, како и во повеќе косовски градови, меѓу кои во Гњилане, Митровица и Пеќ. Француските власти го уапсија Харадинај на 4 јануари врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија.
Анеса Алити

Shpërndaj me