Граѓанскиот сектор смета дека ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребува државните институции во „битката“ против Сорос. Од невладините организации сметаат дека Груевски преку таканаречената „десоросоизација“ се обидува да создаде лажна реалност пред граѓаните и членовите на неговата партија. Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека НВО-та се напаѓаат бидејќи се залагаат за правда која може во затвор да прати дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според главниот уредник на сервисот за проверка на фактите во медиумите, Владимир Петрески, невладините организации постојано се цел на ревизии и контроли, иако нивното финансирање е транспарентно.

Од Фондацијата „Отворено општество“ објаснија дека средствата на Сорос не се инвестирани само во невладините организации, туку и во државните институции, во образованието и во здравството. Од 1992 година п оваа организација во Македонија има инвестирано 145 милиони долари. Денеска, Иницијативен одбор најави формирање организација именувана како „Стоп Операција Сорос“, која ќе укажува и предупредува на активностите на Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос во Македонија.

 
Анеса Алити

Shpërndaj me