Со страв и огромна внимателност граѓаните се вижат по замрзнатите тротоари и пешачки патеки кои веќе цела седмица им создаваат проблеми. Повеќето се незадоволни од тоа како надлежните се грижат за отсранувањето на мразот и снегот.

„Со страв да ви кажам, го молам господ само да не паднам, лесно се паѓа, тешко се станува, годините си го прават своето, слушаме дека се преполни болниците со скршеници.“

„Негде каде што е чисто добро е каде што не е тешко, рацете во џеб не, бидејќи едно лизгање и доле си.“

„Јас не живеам во Скопје, живеам во Куманово, но уште поголема катастрофа е таму.“

„Не сум задоволна иако падна уште еден снег ние одиме по лед“, рекоа анкетираните граѓани.

Граѓаните мака мачат и со ниските температури кои денеска се најизразени во Полошкиот регион кој е во портокалова фаза. За таму Комисијата за превенција од студени бранови издаде препораки на работа да не одат хронично болните, постарите лица и бремените жени. Според експерите, најранлива категорија се децата кои немаат развиена терморегулација, како и старите лица кај кои таа опаѓа.

„Може да се јави хипотермија, тоа е намалување на телесната температура која е меѓу 36 и 37 степени, може да се јави ако сте постојано изложени на ниски температури како овие минусните и ако не сте активни, ако стоите во место, пиете алкохол или не ја чуствувате опасноста, тогаш се можни тие ризици“, рече Михаил Кочубовски- комисија за превенција од студени бранови.

Од Комисијата за превенција за студени бранови велат дека волку ниски температури во Македонија немало повеќе од 20 години односно од 1993 година. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат затоплување во петок кога дневните температури на југот ќе достигнат до 7 степени. Но, со затоплувањето ќе дојде и нов влажен бран кој на планините ќе донесе снег, а на пониските места лапавица. Потоа температурата повторно ќе опадне.

Бојана Симоновиќ

Shpërndaj me