Денеска кај домашните кредитори Владата се задолжи со 31,7 милиони евра. Тоа се речиси 16 милиони повеќе од сумата што веќе утре Министерството за финансии треба да ја врати за стари долгови. Засега нема информација од Министерството за што ќе се користи вишокот на пари од задолжувањето. Некои од економистите предупредуваат дека ова темпо на задолжувањње ќе има последици врз стопанството, а македонската економија може да се доведе во состојба да не може да ги враќа заемите.

„Овие задолжувања се нефункционални и анализите од претходно покажуваат дека растот на задолжувањето не го прати растот на бруто-домашниот производ. Тоа значи дека овие задолжувања не се во функција на економијата, не се во функција да може да се генерираат производи и услуги кои подоцна би можеле да ги вратат тие задолжувања, туку се во некаква друга функција којашто е од неекономска природа.“ – изјавува Венко Глигоров, економист

Во првата половина од годинава, Министерството за финансии има закажано 18 аукции на државни хартии од вредност. И оваа година е планирана нова еврообврзница. Според податоците од Финансии, вкупниот јавен долг изнесува 4,76 милијарди евра или 50,6 отсто од БДП. Ова значи дека   државата практично секој еден граѓанин го задолжила со 2.380 евра. Планот од Фискалната стратегија на Министерството за финансии покажува дека Владата во следните три години треба да врати долг од близу една милијарда евра. Во исто време планира да се задолжи за нови 1,7 милијарди. На тој начин во 2019 година јавниот долг би се искачил до 56 отсто од БДП. Инаку токму висината на задолжувањата се причина за серија препукувања изминатиов период меѓу власта и опозицијата.

 

 

Соња Јанковска

Shpërndaj me