ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати измена на Уставот со цел албанскиот јазик да стане официјален низ цела земја, ниту пак продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. По одлуките кои вчера ги донесе Претседателството на ДУИ дека албанскиот јазик, СЈО и евроинтеграциите се прашања за кои нема да се преговара за отпочнување на преговорите, од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека нема да прифатат каква било дискусија за овие прашања.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да преговара ниту пак ќе дозволи промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО… Причините досега се образложени повеќе пати во јавноста, а се темелат на заложбата за унитарна држава, заштита на уставниот поредок, нашите политички заложби изнесени во предизборниот период, Охридскиот рамковен договор, како и на договорот од јуни-јули 2015-та кој оваа коалиција доследно го почитуваше како што беше договорено и потпишано и нема намера да го менува.“ – соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во соопштението на ВМРО се додава и дека СЈО нема врска со правдата, туку е инструмент на странски центри за деградација на суверенитетот и независноста на Македонија.

„СЈО нема никаква врска со правдата, тоа е политички инструмент во рацете на еден центар на моќ и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Македонија, и нејзините граѓани. СЈО е копче кое ќе биде стиснато секогаш кога било кој ќе се осмели да не игра така како што некој од надвор му сервира и диктира… СЈО е алатка со која се деградира и негира суверенитетот и независноста на македонската држава.“ – соопштуваат од ВМРО ДПМНЕ
По овие ставови на ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ велат дека нивните барања се во духот на Охридскиот договор и не ја загрозуваат политиката на ниедна политичка партија во Македонија. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, рече дека за неговата партија, владеењето на правната држава почнувајќи со продолжување на мандатот на СЈО и целосната имплементација на двојазичноста, се закони кои мора да се донесат во најкраток можен рок. Османи додава дека ДУИ не се откажува ниту од другите услови утврдени во заедничката Декларација на албанските партии и петте точки од изборната платформа на ДУИ кои според него, се процес и треба да се спроведуваат со текот на времето.

„Прашањето за јазичната еднаквост и прашањето за владеењето на правото, преку работата на СЈО со цел сите сомнежи кои произлегуваат од прислушувањата, се главен предуслов за започнување на преговорите за другите точки. Јас не мислам дека тоа загрозува било која политичка партија во Македонија. Консензуалното одлучување и економската еднаквост се процеси кои треба да се решават на дневна основа и не се прашања кои може да се регулираат со закон.“ – изјави Бујар Османи, ДУИ

Според Османи, ДУИ нема да се откаже ниту од потребата да се разјаснат сите судски случаи за кои има сомневања дека се монтирани, што е една од точките во заедничката платформа на Албанците.
Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me