ВМРО-ДПМНЕ им објави отворена војна на медиумите и невладините организации што според нив, се финансираат од Сорос и за кои се тврди дека имаат за цел дестабилизирање на земјата. Во соопштение, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Сорос, заедно со СДСМ, дека се најголеми душмани на независното новинарство и дека преку грантови, на систематски начин ги корумпира новинарите и медиумите, претворајќи ги, како што велат, во полукорисни роботи. Според ВМРО, Сорос е гробар на т.н. граѓански сектор, создавајќи мрежа на марионетски невладини организации, кои се слепи послушници на наредбите кои ги добиваат со цел создавање тензии и зголемување на влијанието на Сорос во државата. Партијата на Никола Груевски тврди дека во Македонија Сорос дејствува во полза на СДСМ и дека преку платеничка револуција направиле штета на земјата од стотици илјади евра, повредиле 50 полицајци, демолирале институции и споменици. Со заканувачки тон, соопштението на ВМРО завршува со пораката: Процесот на десоросизација започнува. Прашани да го објаснат значењето на сево ова, од ВМРО-ДПМНЕ не кажаа на кој начин планираат да го направат тоа.

Ваквите закани на ВМРО-ДПМНЕ следуваат непосредно откако Управата за јавни приходи, без образложение, започна детални контроли во повеќе невладини организации. Акцијата на УЈП се толкува како притисок од власта кон оние што не мислат исто како неа.

 

Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me