На четвртиот ден откако Груевски го доби мандатот за да ја формира новата влада партиите не ги започнале официјално разговорите. ВМРО-ДПМНЕ ден претходно соопшти дека партијата на Ахмети ќе биде првата со која ќе преговараат, но не прецизираа кога. Од ДУИ го повторија ставот дека ги разгледуваат сите опции и во случај на нивен неуспех, можно е да имаме нови избори.

„Засега не започнала ниедна форма на комуникација со македонските политички партии. Ние сè уште ги анализираме сите опции кои ги споменавме. Да ги видиме про и контрааргументите за едната или другата опција. Тие се од формирање на широка влада, коалиција со едниот или другиот блок, можноста да се биде во опозиција и се разбира, ако сите овие опции не успеат, тука е и можноста за предвремени избори. Формата на преговори ќе се утврди откако ќе се утврди најдоброто решение за Албанците.“ – изјавува Бујар Османи, ДУИ

Османи додава и дека сè уште не е одлучено дали разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе се одржат на ниво на партиски лидери или ќе се формираат преговарачки групи. СДСМ, од друга страна, уште еднаш апелираше до албанските партии да не коалицираат со лица обвинети за кривични дела.

„Сите партии кои освоија места во Парламентот, освен криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, не смеат да дозволат формирање на Влада во која ќе учествуваат лица обвинети за сериозни кривични дела кои го уништија животот и перспективата на граѓаните на Република Македонија.“ – соопштуваат од СДСМ

 

Сите партии кои добија пратеници не смеат да дозволат формирање на влада со обвинети лица за тешки кривични дела.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека кај помалите партии од коалицијата За подобра Македонија има големо незадоволство во врска со заедничката платформа на албанските партии и оти нема да се откажат од нивната изборна платформа.

 

 

Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me